Предговор кон второто издание
Почитуван читателе,Ако ги читаш овие редови значи дека и кај тебе постои стремеж кон слободата, барање одговори на многу прашања за општеството во кое живееме и предизвиците со кои се соочуваме, и неизвесноста за иднината која не очекува.
Додека го пишувам овој предговор, во Македонија се одвива една серија на политички мотивирани настани кои најверојатно ќе бидат од историско значење и крстопат за иднината на државата. Политичките тензии и спротивставеноста помеѓу постоечките политички субјекти е толку изразена, што без разлика на крајниот исход, како од временска инстанца, така и од суштинска, ќе ја вратат Македонија назад во времето. Популизмот и бесконечните ветувања се најчесто користена стратегија применета од сите страни за добивање на поддршка од граѓаните, а тоа се истовремено и најпогубните стратегии за економијата и просперитетот на една држава.
Истовремено, овие случувања во Македонија, а и моменталните трендови на дисфункционалност во Европската Унија се потврда дека самите тн. демократски системи во кои живееме се всушност главната причина за овие појави. Тоа се системи во кои зборот ‘демократија’ станува универзално злоупотребуван како оправдување на секоја постапка на политичарите, како на тие што се на власт, така и на тие што сакаат да дојдат на власт.
Демократијата станува оправдување за секое ново барање на оваа или онаа интересна група, како и без исклучок, прв аргумент за донесување на се поголем број закони, правила и органичувања кои рапидно ги намалуваат личните слободи, ја зголемуваат контролата од страна на властите и долгорочно, не прави сите нас се поголеми зависници од милосрдието на властите, а нив се помоќни. Уште полошо, овој систем на зависност од социјалните програми и милосрдието на властите долгорочно создава генерации на зависни луѓе кои постепено стануваат паразити на општеството - несозреани, неодговорни и неспособни да се грижат за себе и своите најблиски, и без идеја и мотивација да си обезбедат просперитет и благосостојба. Основните човечки особини како достоинство, чесност, почит кон другите, гордост, срам и морал полека стануваат повеќе исклучок отколку правило.
Наместо тоа, алчноста, користољубието, зависта стануваат вкоренети во луѓето. Сите очекуваат дека државата е таа која треба да ги реши сите нивни проблеми и да им обезбеди удобен живот. Секој гледа како повеќе да го искористи системот за лични цели. Бројот на тие што живеат на сметка на системот станува поголем од оние што создаваат. Природните закони се сметаат за наметнат проблем кои се очекува да се решат со некаква одлука на власта. Државата ја има таа моќ на сите да им обезбеди се што сакаат навидум без никаков трошок за никого. Тој ментален склоп се пренесува и на нивните деца. Идеална гласачка машинерија за уште повеќе закони, задолжување, субвенции и секаков друг интервенционизам, и на крај целосна тиранија и диктатура. Системот е всушност и создаден така за да биде инструмент за владеење и покорност. На времето некој рекол “Нацијата од овци, наскоро ќе добие власт од волци“.
Каде се изгуби тој слободен пазар на идеи и натпревар на креативноста за кој сите се залагавме? Кое е оправдувањето за една толку екстремна асиметрична одлука како што се парламентарните избори, да се даде толкаво овластување и моќ на мала група на луѓе на власт само заради една трошка надеж дека можеби личната ситуација ќе се подобри? Зарем сите овие години, и искуствата од минатото не се доволен доказ дека нешто фундаментално не е поставено како што треба и дефинитивно не функционира. Што треба да се случи за луѓето да се освестат?
Наивно е да се мисли дека демократскиот систем е добар, само политичарите нечинат и ако избереме некои други подобри и почесни политичари во истиот систем, се ќе стане подобро. Системот треба фундаментално да се промени, а не луѓето. Луѓето се секаде исти, со сите свои доблести и недостатоци. Нема да биде лесно, потребни ќе бидат радикални мерки и решенија, но е сепак изводливо. Што повеќе се чека, толку излезот ќе биде потежок и поболен.
Желбата за слобода е исконска, неуништива и тлее во секој од нас. Проблемот е што слободата и правата што произлегуваат од неа, не подразбира слобода, права и привилегии на една група на сметка на друга. Слободата правата се вистински само ако се природни, ако никој не треба ти ги даде а со тоа и никој не може да ги одземе. Демократијата без ограничувања е контра теза на слободата. Слободата нема градација, или сме слободни или не сме.
Голема надеж дава сознанието дека и оваа книга за кратко време го доживува и своето второ издание во Македонија, дури и во поголем тираж.
Ако ги читаш овие редови, значи го бараш одговорот. Се надевам дека оваа книга ќе го покаже правецот каде да се бара одговорот за просперитетна и слободна иднина.
Борјан Пановски
Њујорк, Април 2015